Вечерва од 20 часот, во Филхармонијата ќе се одржи концертот насловен „Нов свет“, а солистка е врвната виолинистка од Летонија, Баиба Скриде. Таа ќе го изведе Концертот за виолина и оркестар бр. 1 во А-мол, оп. 77 од Дмитри Шостакович, што рускиот композитор го посветил на прочуениот Давид Ојстрах.
Ќе диригира Јерухам Шаровски од Израел, а ќе биде изведена и една од најдобрите симфонии на сите времиња, Симфонија бр. 9 „Од новиот свет“ од Антонин Дворжак.
„Скриде постојано добива покани за настапи како солист, а критиката вели дека нејзините толкувања на музиката се свежи и современи, а изведбите мошне чувствителни“, велат од Филхармонијата.