Камден во северен Лондон, кадешто живееше Ејми Вајнхаус и се разви бритпопот, на пролет ќе добие Музичка патека на славните, според примерот на онаа во Холивуд. Шеталиштето ќе биде обложено со гранитни плочи, на кои во наредните 20 години ќе се оддаде признание на преку 400 луѓе од музичката индустрија.
Идејата потекна од музичкиот промотер Ли Бенет, кој живеел во Лос Анџелес.
„Камден има повеќе музичка историја од кое било друго место на светот, па не беше многу тешко да се осмисли вакво нешто. Повеќето бендови и музичари имаат настапувано овдека во свои рани години, од ‘Пинк флојд‘, преку Мадона и Принс до ‘Нирвана‘. Ова ќе биде една од најголемите почести во музиката. Холивудската патека има над 2.500 плочи, но овдека ќе се избираат од меѓународен комитет“, кажа Бенет.
Првите осум имиња ќе бидат објавени во март.
„Сакаме да создадеме нови моменти во музичката историја. Сакаме бендови повторно да се обединат и да свират на отворањето на нивната плоча. Еве, веќе имаме позитивни сигнали за тоа од ‘Оејзис‘“, додаде Бенет.