МАКЕДОНИЈА Е ЦЕНТАРОТ НА СВЕТОТ, МАЛИ СМЕ, АМА ГОЛЕМИ СМЕ, КАЖА СИМОН ТРПЧЕСКИ НА КОНЦЕРТОТ СО ОРКЕСТАРОТ „АЈГА“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Симон Трпчески со својот квинтет и со оркестарот „Ајга“ ја разнежи и ја крена на нозе целата публика сношти во Филхармонијата, на првиот од двата концерта со кои ја промовира оркестарската верзија на проектот „Македонисимо“.

Македонскиот пијанист со светски успеси рече дека е најголема одговорност да се свири дома и се обиде да ја долови светската премиера на оваа верзија на проектот, која се одржа во престижната сала „Музикферајн“ во Виена.

„Се тресевме како ќе биде во Виена и на крајот се тресеше ‘Музикферајн’. Композиторот Панде Шахов успеа да го долови нашиот фолклор на оркестарски начин, да го спои со класичната музика и да допре до длабочината на македонската песна“, рече Трпчески.

Со оркестарот „Ајга“ диригираше Ана Спасовска (Фото: К. Попов)

„Овој прв сплет композиции во кој ги препознавте и ората ‘Беровка’, ‘Малешевка’ и ‘Црногорка’ се свири на нашите прекрасни веселби. Го избравме за почеток за да се загрееме и да си ја олабавиме душичката“, кажа пијанистот. Шахов направил богати и возбудливи оркестарски аранжмани, многу пријатни за слушање, музика која сигурно ќе биде прифатена и кај луѓето кои не го познаваат македонскиот фолклор. Тоа е таа умешност да се спои класиката со народното, како што Трпечски го опиша. Тој со својот квинтет, гостите солисти и оркестарот со кој диригираше исклучително талентираната млада диригентка Ана Спасовска свиреше три сплета од „Македонисимо“ во официјалниот дел. Она што го направи овој концерт посебен е видливата среќа на музичарите на сцената, танцувањето на диригентката, на Трпчески и на сите музичари. Таа нивна радост лесно се пренесе и на публиката.

Трпчески запеа и делови од неколку македонски народни песни и за секој музичар имаше посебна приказна во која ги фалеше своите колеги.

Симон Трпчески запеа делови од народни песни и ракоплескаше со оркестарот (Фото: К. Попов)

Во вториот, неофицијален дел, Трпчески отсвире три народни песни, а почна со „Марика мома убава“, која му ја посвети на композиторот од кој многу научил, Томислав Зографски. Неколкупати повторувајќи дека треба да се потсетуваме кои сме и од каде сме, тој го цитираше драмскиот писател Горан Стефановски.

„Не можете вие да барате од мене да не се чувствувам како дел на најдлабокиот и најстар свет, кога Хераклеја ми е дома, кога Охрид ми е дома, кога Виа Игнација, единствениот автопат што постоел во Европа меѓу 5. и 15. век, минувал покрај куќата на баба ми во Битола. Не може баш сè да е кај вас, а баш ништо да не е кај нас. Кога свирам низ светот и ме прашуваат каде е Македонија, велам дека е во центарот на светот. И навистина сме центар на светот, не лажам, погледнете ја картата. Велат дека центарот е некаде во Кавадарци. Мали сме, ама големи сме. Колку сме, толку сме, токму сме“, рече Трпчески.

Во вториот, неофицијален дел, Трпчески отсвире три народни песни, а почна со „Марика мома убава“ (Фото: К. Попов)

Квинтетот со кој настапи е во состав: Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и кавал, Александар Сомов на виолончело, Влатко Нушев на удиралки и в,иолинистот Александар Краповски кој работи во Барселона, а Трпчески го нарече најголемиот шармер. Специјални гости беа Владимир Крстев на виолина, Александар Димитров од Бугарија на виолончело и Паскал Краповски на виолончело. Концертот го организираше оркестарот “Ајга”, промотор е „КултурОп“, а Трпчески во истиот состав ќе одржи уште еден, вечерва од 20 часот во Филхармонијата.

М. ЏАРОВСКА