Националниот џез оркестар ќе одржи концерт на 5 септември во Пациото во Завод и музеј Битола, на кој гостин ќе биде Мартин Ѓаконовски-Шпато, синот на легендарниот композитор Драган Ѓаконовски-Шпато.
„Концертот е со наслов ‘Писмо за Реј’ (A Letter to Ray) и е еден вид посвета на еден од највиртуозните контрабасисти на сите времиња Реј Браун и ‘писмо со благодарност’ за неговата трага во џез музиката“, велат од Националниот џез оркестар.
Диригент на концертот ќе биде Џијан Емин.
Мартин Ѓаконовски e контрабасист и композитор кој живее во Германија. Потекнува од музичко семејство: мајка му била џез пејачка, а неговиот татко Драган е истакнат композитор, диригент и музички аранжер и основоположник на Биг бендот на Радио Скопје.
Ѓаконовски од шестгодишна возраст учел виолина, за на 14 години да се пренасочи кон контрабасот, по што формирал свој бенд, триото „Шпато“. Во 1991 ги започнал студиите на Музичкиот универзитет во Келн.
Билетите по цена од 500 денари се продаваат во мрежата на МкТикетс.