МАТИЈА ДЕДИЌ И ЗОРАН ПРЕДИН СО НАЈПОЗНАТИТЕ ЕКСЈУ ХИТОВИ ВЕЧЕРВА ВО МНТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Словенечкиот музичар Зоран Предин и хрватскиот џез пијанист и композитор Матија Дедиќ, вечерва во 21 часот, во Македонскиот народен театар (МНТ) ќе го претстават проектот „Траги во сета“ (Трагови у сјети).

Проекот веќе ги пропатува речиси сите градови од поранешна Југославија, претставувајќи ги најубавите песни на Предин и најпознатите хитови од големите автори, кои им се познати на различни генерации како „Есен во мене“ (Јесен у мени), „Галебот и јас“ (Галеб и ја) и „Васа Ладачки”.

Матија Дедиќ е роден во Загреб и е син на Арсен Дедиќ и Габи Новак. На пет години почнал да свири клавир, а дипломирал на џез академијата во Грац, Австрија. Во својата кариера настапувал на речиси сите континенти, со исклучителни светски музичари, а Асоцијацијата на хрватски автори го награди со титулата „Најдобар автор и најдобро ново име во следните 10 години”.

Зоран Предин во 80-ите години на минатиот век беше фронтмен на легендарната словенечка рок група „Лачни Франц“. По 11 години во групата и 16 снимени албуми, тој продолжи со соло кариера и објави 15 албуми а дополнително работи музика за ТВ, театар и филм.

Со овој заеднички проект, тие издадоа два албума, за кои хрватската критика вели:

“Најголемата вредност на албумите е што со песни од различни автори, создадени за различни пеjачи во различни временски контексти, креираат оригинална уметничка нишка. Вака се прават албуми кои се паметат”.

Концертот во Скопје го организира „Баги комуникации“.