МАЖИТЕ СЕ ДОЈДЕНИ ПО КАЗНА НА МОЈОТ КОНЦЕРТ, РЕЧЕ СРПСКАТА ПЕЈАЧКА АЛЕКСАНДРА РАДОВИЌ КОЈА СЕ СИМНА ВО ПУБЛИКАТА И ИСПЕА БАЛАДА СО ЖЕНИТЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Српската поп-пејачка Александра Радовиќ сношти на концертот во Филхармонијата се симна меѓу публиката, и така така испеа еден од своите најголеми хитови, баладата „Те чувам“ (Чувам те). Дел од песната, испејаа и неколку нејзини обожавателки.

Главно жени беа во публиката на скопскиот концерт на пејачката која 20 години соработува со македонскиот продуцент Дарко Димитров.

„Моите песни се главно тажни, пеам за пропаднати љубови. А кога гледам вљубени двојки во публиката, се мислам што да им испеам. Јас верувам во љубов. Некој ќе ја најде својата сродна душа на 20 години, некој воопшто нема да ја најде, но тоа е животот“, кажа Радовиќ пред да ја испее песната. Од врската со бизнисменот Александар Зеремски, таа ја има ќерката Нина која има 14 години.

Радовиќ ја задржа веселата атмосфера два часа (Фото: К. Попов)

Радовиќ стана позната во Србија и Црна Гора, а потоа и во регионот кога на фестивалот „Сунчане скале“ во Херцег Нови во 2003 ја испеа баладата „Како сол во морето“ (Као со у мору), песна која и денес ја одбележува, а на скопскиот концерт ја остави за бис. Важи за еден од најдобрите поп-вокали во регионот што се докажа и на концертот сношти, а позната е и по тоа што соработува со познати српски дизајнери и често ја прогласуваат за најелегантна и за најдобро облечена на естрадата.

„На концертов, мажите се дојдени за да одработат некоја казна, наместо да гледаат некоја евролига или суперлига. Би било добро ако мажите бираат храбри жени“, кажа Радовиќ и ги пофали дамите кои станаа да играат и останаа на нозе цел концерт. Таа ја задржа веселата атмосфера два часа, и го опарвда она што го кажа на кочетокот од концертот, дека публиката ќе си замине полна во впечатоци. Концертот го организираше продукција „Прагма“.

М. ЏАРОВСКА