„МЕМОРИЈА“ СО НОВА ПЕСНА, НОВ АЛБУМ И КОНЦЕРТИ ВО СКОПЈЕ И ШТИП

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Групата „Меморија“ ја промовираше новата рок-балада „За тебе“, за која членовите велат дека стилски наликува на нивните постари хитови „Оган под ѕведите“ и „Зошто Боже“.

Автор на песната е лидерот на бендот Петар Георгиевски-Камиказа, а снимена e во студиото „Тра-Ла-Ла“ на Мите Димовски. Во најава се уште неколку песни од новиот албум кој „Меморија“ го подготвува. Автори ќе бидат и дел од останатите членови на групата, а следен сингл ќе биде песна од Ристо Самарџиев.

Албумот ќе се промовира пред концертот на „Меморија“ во арената „Борис Трајковски“ во Скопје на 16 ноември. „Меморија“ одржа концерт во истата сала на 11 јуни 2022. На 1 јуни бендот ќе настапи во Штип во Домот на млади.

Бендот во својата шестчлена постава сега има нов гитарист, Рубин Димкоски од Прилеп.