МИЈАТА ЌЕ ОДРЖИ КОНЦЕРТ НА СКОПСКИОТ ГРАДСКИ ФЕСТИВАЛ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Поп-пејачката Мијата ќе одржи концерт во Скопје на 15 мај во малата сала на Филхармонијата во рамките на Скопскиот градски фестивал, објави „Баги комуникации“.

Во јуни минатата година, кантавторката Наташа Крстевска-Мијата одржа концерт на својот роденден во Куршумли ан и го промовираше новиот албум „Вида“.

„Музички, овој албум е една нова зрелост за мене. Го задржувам форматот од 13 песни, како и на претходниот албум, но овојпат, искреноста кон секоја песна и секоја емоција е уште поискрена и подиректна“, рече Мијата на концертот. Нејзиниот претходен албум се вика „Небеска“.

„Овој концерт ќе биде поакустичен од оној во Куршумли ан, со помала екипа, ќе биде подомашен и поинтимен. Ќе имаме 18 песни на репертоарот од албумите ‘Небеска’ и ‘Вида’ и уште неколку плус и веќе со радост се подготвуваме“, ни изјави Мијата.

Со проектот „Јаболки и круши за уметнички души“ таа имаше концерт во истата сала во 2018, кој беше како кабаре претстава.

М. ЏАРОВСКА