„МОРЧИБА“ НА 22 ЈУНИ НА СТАДИОНОТ НА АРМ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Прославениот англиски трип-хоп бенд „Морчиба“ на 22 јуни ќе настапи во рамките на фестивалот „Скопје колинг“. Тој ќе се одржи на стадионот на АРМ, а го организира „Авалон продукција“.

„Морчиба“ се главните ѕвезди на вториот фестивалски ден, откако претходно беа најавени и Аксел и Ингросо, „Тексас“ и Дарко Рундек.

„Морчиба“ за првпат доаѓаат во Македонија под ова име, откако во ноември 2016, во Младински културен центар концерт одржаа двајца членови на бендот, Рос Годфри и пејачката Скај Едвардс. По заминувањето на Пол Годфри во 2014 година, тие се единствените официјални членови на групата.

Од основањето во 1995 година, „Морчиба“ имаат продадено повеќе од 10 милиони примероци од своите албуми. Новиот, деветти по ред треба да излезе на 1 јуни.

Билетите ќе се продаваат од утре во продажната мрежа на „Купи карти за сѐ“ низ цела Македонија, како и онлајн, по цени од 1.000 денари за партер и 1.500 денари за фан пит.