Со африканска вечер се отвора 23. издание на Офф-фест во Скопје, кое ќе се состои од четири вечери и осум концерти. Фестивалот ќе трае до 9 јуни, а учесниците доаѓаат од Нигер, Јужна Африка, Холандија, Етиопија, Франција, Шпанија, Полска, Македонија и Србија.
Отворањето е во 20 часот во Националната опера и балет со концертот на Бомбино, гитаристот од Нигер кој е еден од најзначајните претставници на таканаречениот пустински блуз.
„Неговата музика ја става гитарата во центарот на звучниот пејзаж, кој е комбинација на традиционалното и модерното. Експерт за создавање волшебни ритми, Бомбино ја слави културата на Туарезите“, стои во најавата на концертот.
Од 22 часот на истата сцена ќе настапи јужноафриканската супергрупа „Би-Си-Ју-Си“ (Bantu Continua Uhuru Consciousness).
„Кога ‘Би-Си-Ју-Си‘ настапува во живо, ја вовлекува публиката во вистински транс. Звукот е современ и оригинален, исполнет со фанки грувови и хип-хоп сензибилитет, но и со повторувачки бас рифови, флејти и галопирачки ритми“, велат од Офф-фест.