МУЗИЧАРИ ОД СРБИЈА, ХРВАТСКА И АЛБАНИЈА ЌЕ НАСТАПАТ НА 4. ИЗДАНИЕ НА СКОПСКИОТ ГРАДСКИ ФЕСТИВАЛ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Четвртото издание на Скопскиот градски фестивал ќе се одржи од 11 до 13 мај на повеќе локации, а како гости се најавени музичари од Хрватска, Србија и Албанија. Фестивалот е во организација на „Баги комуникации“.

На отворањето во кино Фросина во МКЦ ќе настапат хрватскиот џез музичар и продуцент Елвис Станиќ и квартетот „Albanian Jazz Society“, составен од некои од најпознатите албански џезери.

Следниот ден, во големата сала на Филхармонијата концерт ќе одржи ѕвездата на регионалната етно сцена Биља Крстиќ со нејзиниот „Бистрик оркестар“. Тие во својот репертоар редовно имаат и обработки на традиционални македонски песни.

На 13 мај во камерната сала на Филхармонијата, Бобан Мирковски ќе го промовира својот најнов музички проект насловен „Албум“, кој содржи 12 македонски композиции изведени на пијано.