МУЗИЧКИТЕ ЅВЕЗДИ СОБРАА ОСУМ МИЛИОНИ ДОЛАРИ ЗА БОРБАТА ПРОТИВ КОРОНАВИРУСОТ ПЕЕЈЌИ ОД ДОМА

Лос Анџелес, (Ројтерс)

Музичките ѕвезди собраа осум милиони долари за борбата против коронавирусот откако се одзваа на повикот на Елтон Џон да пеат од своите домови во шоуто што одеше во живо онлајн.

Били Ајлиш пееше седната на софа, Елтон Џон свиреше на клавијатура што им припаѓа на неговите деца, а членовите на „Бекстрит бојс“ се обединија онлајн, хармонично пеејќи еден од своите најголеми хитови од пет различни локации.

Меѓу учесниците во шоуто „IHeart Living Room Concert for America“, што Елтон Џон го организираше од својот дом во Лос Анџелес, беа и Дејв Грол, Сем Смит, Мараја Кери, Леди Гага, Алиша Киз, Камила Кабелјо и Шон Мендес.

Едночасовното шоу се емитуваше и на телевизијата „Фокс“, привлекувајќи 8,7 милиони гледачи.