Легендарното списание НМЕ ќе престане да се печати по 66 години, придружувајќи се на долгата листа некогаш моќни музички медиуми кои продолжуваат да егзистираат само во онлајн издание.

НМЕ ќе продолжи да функционира како вебсајт, заменувајќи го досегашното големо интервју со ѕвездата од насловната страница со нова неделна дигитална франшиза „Биг рид“ (Големо четиво). Во печатено издание, ќе се појавува само во специјални прилики.

„Во последно време се соочивме со зголемени трошоци, но и со маркетиншки проблеми за печатен медиум. Ќе се обидеме во дигиталниот простор да му обезбедиме силна иднина на овој славен бренд“, вели Пол Чил, музичкиот директор на „Тајм“, што го издаваше НМЕ.

НМЕ излегуваше еднаш неделно од 1952 година и на првата насловна страница беа „Гунс“, Биг Бил Бронзи и Тед Хит, а чинеше шест пенија. Во периодот на растечката популарност на „Битлс“ и на „Ролинг стоунс“, тој се продаваше во преку 300.000 примероци, доживувајќи златна ера во 70-ите години со појавата на панкот, њу вејвот и на инди музиката. Во 90-ите, пак, беше главен популаризатор на бритпопот.