НАД 200.000 КАРТИ ЗА ФЕСТИВАЛОТ ГЛАСТОНБЕРИ СЕ РАСПРОДАЛЕ ЗА ПОЛОВИНА ЧАС

Лондон, (Би-Би-Си)

Картите за наредното издание на фестивалот Гластонбери се распродале за само половина час.

Организаторката на еден од најголемите музички фестивали на светот Емили Ивис напиша на Твитер дека рекордна бројка луѓе се обиделе да купат карта, откако тие биле пуштени во продажба денеска наутро.

„Ние сме шокирани од побарувачката“, кажа Ивис.

Се очекува наредната година на фестивалот во Сомерсет да присуствуваат повеќе од 200.000 луѓе. Стандардна карта за фестивалот, кој не се одржа оваа година, чинеше 248 фунти.

Фестивалот се распродал во рекордно време иако сѐ уште не е објавена листата на изведувачи, но се шпекулира дека Пол Макартни ќе биде една од главните ѕвезди.