НЕ Е ИЗБОР ЗА ПЕСНА, ТУКУ ИЗБОР ЗА НАСТАП НА ЕВРОВИЗИЈА И МАКЕДОНИЈА ТРЕБА ДА УЧЕСТВУВА, ВЕЛИ ИГОР ТРАЈКОВСКИ, ДОЛГОГОДИШЕН ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ЕВРОВИЗИСКИОТ ФАН КЛУБ ОГАЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Македонија две години по ред не учествува на Изборот за Песна на Евровизија поради, како што рекоа од МРТВ, финансиски причини.

Младата поп-пејачка Андреа Коевска беше последната наша претставничка на Евросонг во 2022 во Торино со песната „Кругови“ (Circles), за која го напиша текстот, а музиката и аранжманот се на Александар Масевски. Во 2021, македонски претставник во Ротердам беше Васил Гарванлиев. Ниту тој ниту Коевска не влегоа во финалето.

Најдобриот успех на Македонија од 1998 до денес го имаше Тамара Тодевска во 2019, која со песната „Горда“ (Proud) го освои седмото место во Тел Авив, а беше прва според гласовите на жири-комисијата. Претходно, Македонија немаше влез во финалето од 2012, кога Калиопи со „Црно и бело“ се натпреваруваше во Баку.

Македонија треба да учествува на Евросонг, смета Игор Трајковски, кој до неодамна беше долгогодишен претседател на ОГАЕ Македонија, официјалниот македонски евровизиски фан клуб. ОГАЕ е генерална организација на фановите на Евровизија, невладина и непрофитна меѓународна организација, која се состои од 42 фан клубови на Евровизија од цела Европа и пошироко. Основана е во 1984 во Савонлина, Финска.

Трајковски во живо следел 13 Евровизии, а беше и известувач за САКАМДАКАЖАМ.МК.

Игор Трајковски на Евросонг во Лисабон во 2018. (Фото: Фејсбук)

„Дали треба да учествуваме на Евровизија, настан за кој никој не признава дека го следи, бидејќи е ваков или онаков, а потоа три дена го коментира секој детаљ и има мислење за него? Треба, секако. Ако веќе фрламе дрвја и камења по сите учесници, кои, нели, не ги гледаме, редно е и ние да се вклучиме во битката и да си ги измериме силите. Дали ќе победиме, влеземе во финале или не, тоа зависи само од нас. Треба да престанеме да се преценуваме дека секогаш праќаме најдобри песни, ама таму некој нѐ мрази и затоа не добиваме гласови. Или да се потценуваме дека песната и претставникот ни се катастрофа, а на крај завршуваме седми“, вели Трајковски.

Тој смета дека ако проектот е развиен и сработен добро и навреме, ќе има и добар резултат, а ако не е, ќе нема.

„И да, Евровизијата отишла напред последниве икс години, но ние не сме се развивале со неа. Ако некому сѐ уште не му е јасно дека ‘избор за песна на Евровизија’ е мисномер, еве да повторам – се работи за избор на настап на Евровизија. Уште одамна! Нема оркестар и микрофон среде сцена, освен ако тоа не е вклучено во концептот на настапот), не е Сан Ремо и да, се работи за телевизиско шоу во вид на спектакл што го гледаат околу 180 милиони гледачи во живо. И како што кога настапувате во театар се спремате и облекувате соодветно за улогата, така и кога настапувате во спектакл се спремате како да одите на спектакл, а не како да одите на лекар“, додава Трајковски.

Според него, треба да се има идеја, стратегија, да се обмисли проектот, да се најдат соодветните луѓе за сите функции, да се обмисли финансиската конструкција и да се фрли на работа.

„Ако учествуваме ‘реда-ради’, колку да дигнеме два прста кога ќе нѐ прашаат ‘тука ли сте’, тоа е изгубена битка уште во старт. Еден сериозен евровизиски проект се работи цела година, почнувајќи од начинот на изборот на песната и претставникот, па сѐ до финалниот продукт: аудио/видеопродукција, медиумска покриеност, односи со јавност, конзистентен начин на промовирање, костимографија, сценски настап, сѐ во функција на идејата на проектот. Сме имале и многу добро и многу лошо одработени евровизиски проекти, што значи дека имаме капацитет и кадар сево ова да го направиме – ако сакаме. Да се дигнат два прста за присуство на час, тоа секој може да го направи без трошка труд. Ама ако треба и да се одговара за оценка, некој треба да седне да научи и да е спремен да положи испит. И да, треба да сме спремни и за пораз. ‘Не нѐ бива за ништо’ и ‘ние сме подобри од сите и не сме за таму’ се губитнички слогани“, вели Трајковски.

М. ЏАРОВСКА