НИКОГАШ ПОМОЌНИ „ЛАЈБАХ“ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Европските пионери и легенди на индустријал звукот „Лајбах“ се вратија во Скопје во рамките на турнејата заснована врз нивниот култен, трет албум „Опус деи“ (Opus Dei).

Лајбах“ доста често гостуваат во Скопје и Македонија, но ова беше првпат да ги гледаме седечки и релаксирано и да ги слушаме на така експлозивно озвучување што го нуди просторот на Филхармонијата. Свиреа повеќе од два часа, поделено на два дела, со пауза од 15 минути.

Оригинално објавен во 1987, „Опус деи“ му донесе поширока афирмација на „Лајбах“, особено благодарение на песната „Leben heißt Leben”, која останува еден од заштитните знаци на групата, иако е преработка на „Live Is Life“ од австрискиот бенд „Опус“. Вечерта ја слушнавме во две верзии: прво во нежна изведба на придружната пејачка Мартина Мортенсон, а потоа како моќно финале на регуларниот дел од концертот.

Концертот доста необично се развиваше: почна во стилот на експериментален џез, продолжи со препознатливиот индустријал звук, а финишираше со емотивни балади. Фронтменот Милан Фрас на некои песни не ни беше на сцената, а кога пееше, неговата доминантност ја обземаше салата.

Се разбира, концертите на „Лајбах“ не се само музичко доживување. И овојпат песните беа придружувани од пораки, симболи и стари, главно црно-бели видеа, со акцент на тоталитарност и укажување во каков свет живееме.

Публиката беше незаситна, па „Лајбах“ се вратија на два биса, меѓу кои одеа овации и непрекинат аплауз. Општ впечаток беше дека „Лајбах“ никогаш не звучеле помоќно во Скопје.

Г. КОНЕВ

Фото: Т. Огњанов / Таксират