НИКОГАШ ПОВЕЌЕ ЏЕЗЕРКИ ВО ЕДНА ВЕЧЕР НА СКОПСКИОТ ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Скопскиот џез фестивал ќе ја има една од поуникатните вечери, бидејќи во главната улога на сите четири концерти од третиот ден ќе бидат дами.

Првиот дел е во Македонската опера и балет, а го отвора данската саксофонистка Мете Расмусен во 20 часот. Слободниот џез што го свири се опишува како „глава полна со идеи“, со што најдобро се доловува нејзината екстремна импровизација.

На СЏФ ретко можат да се видат вокални состави, што на норвешкиот женски ансамбл „Трондхајм воисис“ му дава уште поголема специфичност. Тој во осумчлен состав ќе го изведе делото „Фолклор“, почнувајќи во 21 часот.

„Во фокусот се индивидуалноста на секоја пејачка и нејзината боја на гласот и во комбинација со останатите гласови, се добива еден извонредно квалитетен колективен тон“, се вели во најавата на концертот.

Од 22.30 часот е настапот на португалската трубачка Сузана Сантош Силва, која ќе биде придружувана од Аб Барс на саксофон и кларинет и од тапанарот Хамид Дрејк.

Постполноќната програма во Младински културен центар е резервирана за финското панк-џез трио „Мопо“, во чиј центар е уште една саксофонистка, Линда Фредриксон.

Г. КОНЕВ