Хип хоп артистот Тони Зен синоќа во Клуб ресторанот на МКЦ, пред голем број гости, пријатели и музичари, го промовираше својот шести албум насловен „Од изворот на изборот“, кој од денеска е во продажба.

Тони Зен со Ранко Петровиќ (Фото: С. Рајхл)

„Сите осум песни се инспирирани од моите лични искуства од изминатите години. Овој албум се слуша со срце. Не случајно е акустичен, мирен и сниман во 432 херци, со цел да се задржи природната фреквенција. Музиката на албумот е посветена на вистината, љубовта и просветлението“, изјави Тони Петковски.

Албумот е независно издаден со поддршка од „СТ продукција“. Сниман е во студиото „Knobs Keys ‘n Stuff“ заедно со Бојан Филиповски, додека миксот и мастерингот ги правеше Мите Димовски во „Тралала студио“.

Албумот има осум песни. Текстовите ги напиша Тони Зен, а музиката ја создаде заедно со Кирил Бабамов (гитара) и Ратко Даутовски (перкусии). Свој придонес на албумот дадоа и музичарите Мартин Јосифовски, Борислав Веселинов, Борче Кузмановски, Бојан Филиповски и Александар Пешевски.