ЛИЗА ЏЕРАРД ОД „ДЕД КЕН ДЕНС“ СО КОНЦЕРТ ВО ФИЛХАРМОНИЈА НА 8 ОКТОМВРИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Лиза Џерард, женската половина на австралиско-британското дуо „Дед кен денс“ и еден од најубавите вокали во современата музика, ќе одржи концерт во Скопје на 8 октомври. Таа ќе настапи во Филхармонијата, заедно со бугарскиот женски хор „Мистери оф булгеријан воисис“ (The Mystery of the Bulgarian Voices), што ова музичко доживување ќе го направи уште поуникатно.

Џерард ја оформи „Дед кен денс“ со Брендан Пери во 1981 година и како тандем имаат снимено девет албуми, од кои последниот излезе лани. Тој ќе биде проследен и со летна европска турнеја, која ќе ги опфати и Белград, Пловдив и Солун.

Џерард, која има вокален опсег на контраалт/мецосопран, има објавено и пет соло албуми, при што на последниот соработува токму со „Мистери оф булгеријан воисис“. Овој хор опстојува од средината на минатиот век и го негува автентичниот бугарски мелос во облик на мистично а капела пеење.

Картите за концертот, што го организира Младински културен центар, веќе се пуштени во продажба и првите 300 можат да се купат по цена од 1.000 денари.

Г. КОНЕВ