Вториот албум на кларинетистот Благој Ламњов „Носталгична љубов 2“ е објавен на музичките платформи и може бесплатно да се преземе. Македонскиот фолклор е, меѓу другото, инспирација и за овој албум, како и на првиот „Носталгична љубов“.
„Фокусот е ставен на кларинетот, користејќи ја убавата западна класична традиција, притоа задржувајќи ги македонските народни орнаменти“, вели кларинетистот.
Ламњов е по потекло од Велес, а долги години живее во Шведска. Вели дека снимал два и пол дена во студио во Малме и сите шест инструменти ги отсвирел самиот.
„Самиот ги снимив сите инструменти. Горд сум и среќен, плачам кога го слушам албумот. Сè е снимено за два и пол дена: кларинет, пијано, акустична гитара, акустичен бас, перкусии, малку глас и вистински морски бранови кои ги снимив покрај Јадранското Море на моето омилено место во Хрватска“, ни рече Ламњов.
Во јуни годинава, тој го одржа својот прв концерт во Велес и ја поздрави публиката. Ламњов на 19 години почнал да студира на Факултетот за музичка уметност во Скопје и дотогаш веќе имал настапи во 15-ина европски земји. Кога бил трета година студии, се префрлил во Шведска, на универзитетот во Лунд, но почнал од почеток.
М. ЏАРОВСКА
Фото: К. ПАЛАШЕВ