ОДЛИЧНИ КРИТИКИ ЗА НАСТАПИТЕ НА МАКЕДОНСКИТЕ ЏЕЗЕРИ НА ФЕСТИВАЛ ВО ТИРАНА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Националниот џез оркестар имаше успешен настап на Албанија џез фест во Тирана како претставник на Македонскиот културен центар во Тирана. Настапи и џез групата „Сетстет“ под етикетата на „ПМГ џез“.

„Директорот на Албанија џез фест, Бесим Петрела, за нашите музичари од Националниот џез оркестар рече дека се генијални и се заблагодари што свиреа во нивниот град“, велат од МКЦ Тирана.

Оркестарот во својот репертоар има различни стилови, од класичен џез, преку свинг, до песни од „Леб и сол“.

„Сетстет“ настапи под етикетата на „ПМГ џез“ (Фото: Фејсбук)

За музиката на „Сетстет“ организаторите кажаа:

„На моменти потсетува како да е излезена од некој филм на Џармуш или Алмодовар. Нашите музичари настапија со многу сигурност, модерност и на светски начин. Ова беше големо изненадување за тиранската публика, која ги награди со аплаузи и внимание“.

За четврток (16 мај) е најавен настапот на „Џамбо Агушеви оркестар“ на фестивалот „Облаци“ во Тирана.

На 15 мај, Националниот џез оркестар ќе одржи концерт во Скопје во МНТ со еден од најдобрите џез вокали на сите времиња, двократниот добитник на Греми награда, Курт Елинг. Ќе диригира Џијан Емин.