ОСНОВКИТЕ ИЛИНА И ЈОВАНА НИКОЛОВСКИ ОД СКОПЈЕ ЈА СНИМИЈА НОВАТА ПЕСНА, „ЗБОРОВИ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Илина и Јована Николовски од Скопје ја објавија новата песна со наслов „Зборови”, за која снимија и видеоспот. Музиката и текстот се на Сашо Николовски, аранжманот е на Васил Ангелов, а видеото го режираше Дарко Јовановски.

Илина и Јована се сестри на возраст од 14 и 12 години. Илина е деветто одделение во ОУ „Невена Георгиева-Дуња” во Скопје, а Јована седмо. Потекнуваат од музичко семејство и од рана возраст изучуваат музика. Двете се ученички и во нижото музичко училиште „Илија Николовски-Луј”, отсек соло пеење. Покрај музиката, Илина и Јована седум години посетуваат и часови по глума во драмско студио.

„Досега имаме снимено 14 свои песни. Првиот настап ни беше на детскиот фестивал ‘Чунга лунга’ во Охрид, во рамките на Охридски трубадури во 2016. Следната година настапивме на детскиот музички фестивал ‘Тра-ла-ла’ во Битола, каде добивме и една од наградите“, велат Илина и Јована Николовски.

Имаат пеено и на други детски фестивали во Македонија, а ги снимија и празничните песни „Божиќна”, „Велигденска”, „Елко елкичке“ и „Дедо Мраз”, која има и англиска верзија.

За песната „Љубов“, на која ги придружува оперскиот пејач Кристијан Антовски, го снимија и првиот видеоспот. Во декември 2023 излезе првото авторско цеде на Илина и Јована со наслов „Љубов”. Автори на текстовите на нивните песни се Кристина и Сашо Николовски, додека музиката, аранжманот и продукцијата се дело на нивниот татко Сашо, кој подолго време се занимава со музика и компонирање.

М. ЏАРОВСКА