ОТСВИРЕВ ШЕСТ ИНСТРУМЕНТИ НА АЛБУМОТ КОЈ ГО СНИМИВ ВО ШВЕДСКА ЗА ДВА ДЕНА, ВЕЛИ КЛАРИНЕТИСТОТ БЛАГОЈ ЛАМЊОВ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Македонскиот кларинетист Благој Ламњов, кој живее во Шведска, го сними својот втор албум, „Носталгична љубов 2“. Ламњов вели дека снимал два и пол дена во студио во Малме и сите шест инструменти ги отсвирел самиот. Македонскиот фолклор е, меѓу другото, инспирација и за овој албум на музичарот, како и на првиот „Носталгична љубов“.

„Поминав два и пол исцрпувачки, но неверојатни и среќни дена во одличното студио ‘Гула‘ во Малме. Јас, шест вистински инструменти (без електроника) и одличниот инженер за звук Дејвид Карлсон. Сè е снимено за овие два и пол дена: кларинет, пијано, акустична гитара, акустичен бас, перкусии, малку глас и вистински морски бранови кои ги снимив покрај Јадранското Море на моето омилено место во Хрватска. Самиот ги снимив сите инструменти. Научив многу, горд сум, среќен сум, плачам кога го слушам албумот“, вели Ламњов.

Музичарот додава дека секоја песна од овој албум има приказна и внимателно одбрано име кое му значи и е емотивно поврзано со него.

„Албумот се состои од прекрасни мелодии кои ги одржувам во живот со мојот начин на интерпретација. Фокусот е ставен на кларинетот, користејќи ја убавата западна класична традиција и фразирање, притоа задржувајќи ги македонските народни орнаменти“, додава кларинетистот.

Тој е автор на повеќето од песните, кои се инспирирани од светската музика, а има и неколку традиционални мелодии. Ламњов најави дека наскоро ќе објави краток трејлер од снимањето и имињата на песните.

Музичарот од Велес на 19 години почнал да студира на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Дотогаш веќе имал настапи во околу 15 европски земји. Кога бил трета година студии се префрлил во Шведска, на универзитетот Лунд, но почнал од почеток, како студент во прва година. Својот прв солистички концерт во Македонија го одржа на 3 јуни во Велешкиот театар. Ламњов го комбинира македонскиот фолклор со западната класична музика.

М. ЏАРОВСКА