Денеска (18 јуни) од 20 часот, во „Јавна соба“ во Скопје ќе се одржи концертот „Приспивна песна за лудаци“ (Lullaby for Lunatics), првиот самостоен проект со авторска музика на контрабасистката, композиторка и мултиинструменталистка Андреа Мирческа.
Станува збор за музичко патување инспирирано од богатите бразилски звуци на движењето Тропикалија, кое во 1960-тите ги споило традицијата, психоделијата, авангардата и експериментот во препознатлив и слободоумен музички израз.
Во „Приспивна песна за лудаци“, Мирческа го поставува контрабасот во центарот на звучната приказна, создавајќи композиции што се движат помеѓу џезот, импровизацијата, современата музика и експерименталните форми.
Ќе настапи квинтетот на Мирческа, во кој членуваат и Драган Теодосиев (тапани), Филип Букршлиев (гитара), Благојче Томевски (кларинет и бас-кларинет) и Нинослав Спировски (тенор и сопран саксофон).
Визуелниот идентитет на проектот е на Љубен Трајаноски. Билетите се достапни преку tix.mk.