ПЕЕМЕ ЗА КОЧАНИ, НЕ СТЕ САМИ, РЕКОА СЛАТКАР И ТОНИ ЗЕН НА ПОЛНИОТ КОНЦЕРТ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Слаткаристика и Тони Зен ја продолжија хип-хоп револуцијата која ја започна пред 18 години, со нивниот најдобар концерт досега, вчера (11 октомври) во Арената „Борис Трајковски“.

Започнаа како маалски рапери од Ново Лисиче, а стасаа до ѕвезди во хип-хоп музиката. Концертот во полната сала докажа дека ги сакаат и тинејџерите, и они кои биле млади кои почнувале. И денес, тие со најголема љубов ја пеат песната „Моето маало“, посветена на Ново Лисиче.

Салата ја наполни публика од повеќе генерации (Фото: Н. Тануровска)

На концертот имаше повеќе гости, но најголемо изненадување беше Калиопи, која се појави на крајот од концертот и ја испеа „Да полетам“, автобиографската песна на Слаткар, заедно со него и со Тони Зен.

Калиопи беше специјално изненадување на концертот (Фото:: СМАРТ.СДК.МК)

„Дајте аплауз за најголемата уметница на 20 и 21 век“, рече Слаткар кога ја најави. Калиопи и Слаткар го пеат дуетот „Казна“, а тој гостуваше на нејзиниот концерт лани во октомври во истата сала. Гости беа и „Некст тајм“ со дуетскиот хит „Океани“, една од песните која публиката гласно ја пееше. Гости беа и „2 Бона“, Зи Бомб и сите нивни другари рапери со кои почнале, а се појавија на крајот на песната „Спушти се доле“, по која беше насловен концертот.

Слаткаристика и Стефан Филиповски од „Некст тајм“ (Фото: Н. Тануровска)

Во песната „Исти“, гостуваше Никола Нино Васков. Оваа песна со порака дека сите сме исти, раперите ја пееја за Кочани, во чест на младите кои загинаа во пожарот на 16 март и за нивните семејства.

„Ова е за Кочани. Да знаете дека не сте сами. Никогаш да не се повтори“, рекоа Тони Зен и Слаткар.

Песната „Насмевка“, Слаткар му ја посвети на синот Моша кој има пет години, а беше дојден со мајка му поранешната Мис на Македонија, Сања Николиќ, со која Слаткар е во брак од 2014.

Сања Николиќ (Фото: Н. Тануровска)

„Првпат ја пеам песнава цела, досега сум ја пеел само до пола“, рече Слаткаристика и го повика син му да му се придружи, но потоа рече дека заспал зад сцената. На полетокот од концертот, раперите им порачаа на младите да ја чуваат листа околината и да не фрлаат ѓубре.

„Се вративме“, ни рече Тони Зен по концертот Фото: Н. Тануровска

„Се вративме“, ни рече Тони Зен по неговиот еуфоричен настап со хитовите „Бас“, „Скандал“ и други. Тој се присети на неговиот концерт од пред 15 години во истата сала, кога по големата популарност во реалнот шоуто „Преживеан“ се спушти со јаже од покривот на салата на сцената. И тогаш и сега, тој остана „Суперзен“ за неговите фанови, прекарот кој го имаше тогаш.

Концертот го организираше продукција „Прагма“.

М. ЏАРОВСКА