Музичкиот состав „Пијано трио“ оваа недела ќе одржи два концерта во регионот, во Крагуевац и во Загреб. Во српскиот град настапува на 12 ноември, а во Загреб на 16 ноември.
Во Крагуевац ќе свири дела од Начевски, Иванов, Николовски-Ѓумар, Делиниколов, Глинка и други, а во Загреб на репертоарот ќе бидат дела само од македонски композитори: Начевски, Иванов, Николовски-Ѓумар, Делиниколов, Трендафиловски, Аврамовски и Зографски.
Во триото свират Татијана Петрушевска-Караскаковска, која е прва обоа во оркестарот на Операта, Марјан Милошевски – прв фагот во оркестарот на Операта и професор по фагот на ФМУ и пијанистот Петар Макариевски. Триото оваа година слави десетгодишен јубилеј. Неодамна имаше концерти во Виница и Битола и на отворањето на фестивалот Златна лира во Скопје. Добитник е на наградата „Георги Божиков“.