„ПМГ колектив“ ќе ги изведе своите најголеми хитови на утрешниот концерт во Младински културен центар во Скопје (21 часот), на кој ќе го промовира своето најново издание – двојниот винилен албум „Најголемите хитови“.
Бендот ќе настапи во проширен состав наречен „ПМГ колектив оркестар“, во кој ќе бидат Синиша Евтимов (гитара), Александар Гавровски (бас гитара), Мирко Попов (вокал/машина), Владан Дробицки (тромбон), Марија Каева (вокал/синтисајзер), Дино Милосављевиќ (тапани), Васко Бојаџиски (саксофон) и Павел Дробицки (бас гитара).
Излегувањето на албумот беше проследено со објавувањето на новата верзија на еден од најголемите хитови на групата, „Скопјанка“.
„ПМГ колектив“ е еден од најпродуктивните македонски бендови, кој досега има издадено девет студиски албуми, четири компилации и бројни синглови, ремикси и обработки, а има правено и музика за филм и театар.