ПОЧИНА ЏОН ЗАЗУЛА, ПРОДУЦЕНТОТ КОЈ ЈА ЛАНСИРАШЕ КАРИЕРАТА НА „МЕТАЛИКА“

Сан Франциско, (Вараети)

На 69 години почина американскиот музички продуцент Џон Зазула, кој ја лансираше кариерата на „Металика“ и на други легендарни метал бендови. Тој почина точно една година по смртта на сопругата Марша, со која во 1982 ја основал издавачката куќа „Мегафорс рекордс“, која одигра една од најзначајните улоги во развојот и промовирањето на американскиот треш метал.

Џон и Марша Зазула држеле музичка продавница во Њу Џерси и во прв момент сакале да се фокусираат на музичари како Џими Хендрикс и Џон Ленон, кога се свртеле кон ретки увезени албуми од британски хеви метал бендови, како „Ајрон мејдн“. Почнале да промовираат концерти и како што им растел угледот во метал заедницата, добиле демо снимка од група наречена „Металика“.

Увидувајќи дека се како „молња во шише“, тие ја довеле групата во својот дом во Њу Џерси и за да ја лансираат, ја основале издавачката куќа „Мегафорс“. Деби албумот на „Металика“, „Kill ‘Em All“, излезе во јули 1983 и предизвика нова музичка револуција.

Иако „Металика“ премина во „Електра рекордс“ во 1984 набргу по објавувањето на вториот албум „Ride the Lightning“, „Мегафорс“ остана моќен фактор во хеви металот во 1980-ите и во почетокот на 1990-ите, промовирајќи бендови како „Антракс“, „Тестамент“ и „Оверкил“.

„Марша и јас имавме среќа да избереме група која ќе стане најголемата на светот, да не зборам за многу други бендови кои влегоа во историјата“, изјави Џон Зазула во 2020.

Реагирајќи на смртта на Зазула, членовите на „Металика“ му се заблагодарија што им дал шанса, признавајќи дека без него не би биле она што се денес.