ПОЛСКИТЕ ПИЈАНИСТКИ МИЕРНИК И СОХАЧКА СО КОНЦЕРТ ВО „СВ. СОФИЈА“ НА ОХРИДСКО ЛЕТО

Охрид, (СМАРТ СДК.МК)

Концерт за четирирачно пијано ќе има денеска (13 август) на Охридско лето со полските пијанистки Ана Миерник и Јоана Сохачка. Концертот ќе се одржи во црквата „Св. Софија“ од 21 часот и е во рамките на традиционалната полска вечер на фестивалот, што секоја година се одржува со поддршка на Амбасадата на Полска во Скопје.

Миерник досега има настапувано во 38 земји на пет континенти. Одржала концерти во престижни концертни сали, како Карнеги хол во Њујорк, Сиднејската опера, Националниот театар во Лима и палатата „Белес Артес“ во Мексико, а настапувала и во Отава, Калгари, Канбера, Сиднеј, Мелбурн, Бризбејн, Перт, Велингтон, Виена, Париз, Рим, Мајами, Сао Пауло, Бразилија, Буенос Аирес…

За Сохачка критиката вели дека е „уметник кој не само што свири, туку живее во музиката“. Настапувала во престижни концертни сали и е носителка на награди и признанија од повеќе од 30 меѓународни натпревари за пијано во Англија, САД, Естонија, Франција, Германија, Австрија, Италија и Унгарија.