ПОРТУГАЛСКИ И БАЛКАНСКИ ЗВУЦИ ЌЕ ПРЕВЛАДУВААТ НА 14. ФЕСТИВАЛ НА МУЗИКА ОД СВЕТОТ ВО БИТОЛА

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Од денеска до недела, битолчани ќе можат да уживаат во концерти на исклучителни музички имиња во рамките на Фестивалот на музика од светот, во организација на Центарот за култура од Битола. Ова 14. издание ќе биде отворено вечерва со настапот на португалската уметница Јоана Амендоеира, која го негува правецот на новата фадо генерација. Во Битола доаѓа заедно со нејзиниот бенд.

Утре ќе прозвучи музика што е блиска на овие простори, кога ќе настапи групата „Фонтана“, заедно со камерниот оркестар „IWConnect“, а специјални гости се Даница Крстиќ, вокал од Србија, Ангел Демирев, гитарист од Бугарија и Џамбо Агушев на труба. Овој концерт е распродаден во рекордно време, а и билетите за другите концерти се при крај.

Третата фестивалска вечер е резервирана за концертот на „Лилит“, кој за време на пандемијата издаде авторски материјал и сега ќе го промовира.

Ова е еден од фестивалите кои имаат за цел да ја воспитаат публиката. Многу често зборуваме дека сите големи работи се случуваат во Скопје и дека ако сакаме да чуеме квалитетен концерт, мора да патуваме. Јас се радувам што имаме можност тоа музичко уживање да им го донесеме дома на битолчани“, рече Маја Андоновска-Илијевски, директорката на Центарот за култура.

Благојче Трајковски, кларинетистот на „Фонтана“, се осврна на специјалните гости кои ќе настапат на саботниот концерт. Тој рече дека Даница Крстиќ важи за еден од најекспонираните и најдобри вокали на Балканот и е дел од бендот „Балканика“, кој ја претставуваше Србија на Евровизија.

Без разлика каде настапува, дел од нејзиниот репертоар се и македонски песни. Таа секогаш покажува сериозно почитување кон македонската народна музика, Македонија и кон нашата музичка култура“, рече Трајковски.

На утрешниот концерт ќе превладува музиката од Балканот, а акцент ќе биде ставен на македонската, и тоа на инсистирање на Крстиќ.

Концертите се од 20 часот во Центарот за култура.

Ж. ЗДРАВКОВСКА