Повеќе од три години по смртта на Кит Флинт, „Продиџи“ го најави своето враќање на фестивалската сцена. Легендите на светската електронска сцена ќе бидат едни од главните ѕвезди на следното издание на Егзит во Нови Сад, каде што Флинт ќе се појави во вид на специјална ласерска проекција.
„Многумина мислеа, вклучувајќи го и самиот бенд, дека ‘Продиџи‘ ќе престане да постои по трагедијата, но ние знаевме дека нема да биде така. Со повратничкиот концерт во Лондон покажаа дека огнот во нив гори посилно од кога било, а повторното обединување со нивната омилена публика сигурно ќе биде најемотивното досега. Во јули ќе сведочиме на момент на музичка историја“, изјави основачот и извршен директор на Егзит, Душан Ковачевиќ.
Тоа ќе биде петти настап на „Продиџи“ на Егзит, од кои првиот беше во 2007 година. Следното издание ќе се одржи од 6 до 9 јули.