ПРВИОТ НАСТАП НА БИЈОНСЕ ПО ПОРОДУВАЊЕТО ЌЕ СЕ ПРЕНЕСУВА НА ЈУТЈУБ

Лос Анџелес, (Мешабл)

Фестивалот „Коачела“ објави дека долгоочекуваниот настап на Бијонсе ќе се пренесува во живо на неговиот канал на Јутјуб, со што на посебен начин ќе се одбележи нејзиното враќање на сцената по породувањето во јуни.

Аренби дивата лани ги разочара фановите кога се повлече од програмата на фестивалот, објавувајќи дека е бремена. Таа сега ќе стане првата афроамериканска пејачка во 20-годишната историја на фестивалот која ја добила улогата на главна ѕвезда.

Настапот на Бијонсе на 14 април треба да биде еден од централните настани на фестивалот, што се одржува во два викенда во април во Индио, Калифорнија. Таа за последен пат настапи во живо на минатогодишното доделување на наградите Греми.

Бијонсе минатиот месец ги објави деталите од претстојната заедничка турнеја со сопругот Џеј-Зи, која ќе почне во Кардиф на 6 јуни и ќе опфати 15 датуми во Европа и 21 во Северна Америка.