ПРВПАТ ВО 30 ГОДИНИ, „СУПЕРХИКС“ ЌЕ ОДРЖИ АКУСТИЧЕН КОНЦЕРТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

За првпат во 30 години постоење, „Суперхикс“ ќе одржи акустичен концерт, на 8 декември во Домот на култура „Билјана Беличанец“ во скопската општина Кисела Вода од 20 часот. Освен концертот, бендот најавува и изложба со спомени по повод 30. роденден во изложбениот салон на Домот.

Ќе се продаваат само 200 влезници, по цена од 500 денари.

„По 30 години електрични концерти, ова ќе биде наш прв акустичен концерт во поинтимен простор. Ќе свириме репертоар од најголемите хитови. Мал дел песни ќе бидат преаранжирани во тој стил. На овој концерт нема да има гости“, вели Петар Младеновски-Пеце, фронтменот на бендот.

Со концерт кај салата „Расадник“ во јули во рамките на Културно лето Кисела Вода, бендот прослави 30 години на сцената со верната публика. Концертот траеше повеќе од три часа и гостуваа поранешни членови на групата.

М. ЏАРОВСКА