РАДЕ ШЕРБЕЏИЈА ЈА ИЗНЕНАДИ ПУБЛИКАТА СО „ЕЛЕНО ЌЕРКО“ НА КОНЦЕРТОТ НА ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ ВО ЗАГРЕБ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Влатко Стефановски ја воодушеви публиката на концертот во распродадената сала „Лисински“ во Загреб. Прославувајќи 50 години од својата кариера, легендарниот гитарист одржа три одлични концерти: во Белград, Осиек и во Загреб.

Самото појавување на Стефановски на сцената предизвика овации и огромен аплауз кај публиката, а тој ја почести со речиси три часа песни кои ја одбележаа неговата импресивна кариера, велат од издавачката куќа „Кроација рекордс“, долгогодишен соработник на Стефановски.

Со македонскиот кларинетист Горан Бојчески, кој живее во Словенија и басистот Иван Кукиќ (Фото: Б. Шчитар)

Прв гостин беше уште еден гитарски виртуоз со кој Стефановски често соработува, Мирослав Тадиќ. Тие покажаа совршено разбирање и неверојатна хармонија на неколку композиции, како „Македонско девојче“ и „Еј, ти момче охриѓанче“, а особен ентузијазам кај публиката предизвика доаѓањето на Рада Шербеџија како изненадување. Легендарниот актер му се заблагодари на Стефановски за нивното пријателство и во име на сите актери му се заблагодари за музиката со која ја збогати театарската и филмската музика, а потоа ја отпеа познатата традиционална македонска песна „Елено ќерко“.

Дел од гостоте беше Џибони (Фото: Б. Шчитар)

Вториот дел од концертот Влатко го нарече 7/8, а на сцената му се придружија Јан Стефановски на тапани и Иван Кукиќ на бас, со кои веќе извесно време настапува како „Влатко Стефановски трио“ и клавијатуристот Дамир Имери.

Салата „Ватрослав Лисински“ беше полна (Фото: Б. Шчитар)

На концертот гостуваше и кларинетистот и саксофонист Горан Бојчевски, битолчанец кој 23 години живее и работи во Љубљана, магистрираше на признатиот Универзитет Моцартеум во Салцбург и настапува секаде низ светот. Врв на концертот беше појавувањето на Џибони, кој со Стефановски соработува долги години. Неговите хитови беа збогатени со звукот на гитарата на Стефановски.

На концертот беше и Ана, ќерката на Влатко Стефановски (Фото: Б. Шчитар)

Концертот заврши со песната „Бистра вода“ од албумот „Калабалак“, за која Влатко рече дека секогаш предизвикува посебна возбуда кај него, а како бонус, тој го заврши концертот весело, со песната „Скопје“.

„Се надевам дека Господ ќе ми даде малку здравје за да продолжам. Затоа реков дека не славам, туку чествувам. Сега нема да отворам шампањ затоа што наполнив 50 години кариера“, рече Стефановски.

Концертот во „Лисински“ го проследија и неговата ќерка Ана и бројни личности од културниот јавен живот.