Распродаден е вечерашниот гала концерт на Македонската филхармонија, насловен „Полноќни огномети“.
Концертот ќе го диригира славниот маестро Јерухам Шаровски од Израел, а како солисти ќе настапат македонските уметници кои живеат во странство, Милена Арсовска, сопран и Иван Наумовски, бас-баритон.
„Новогодишниот концерт овој пат ќе понуди поинаква програма од вообичаената“, велат од Филхармонијата.
Покрај танците, полките и маршевите од семејството на австрискиот композитор Јохан Штраус, ќе се изведат и дела од автори од латиноамериканската музичка култура, како Пјацола со „Адиос Нонино“, Монкајо со „Хуапанго“ и Маркес со „Данцон бр. 2“. На репертоарот ќе се најдат и Бизе со арија на Ескамијо од операта „Кармен“, Пучини со арија на Музета од операта „Боеми“, Гуно со арија на Јулија од операта „Ромео и Јулија“ и Лара со „Гранада“.
На празничниот концерт неизбежни се валцерите „Пролетни звуци“, „Виенски бонбони“, „Виенска крв“, „На убавиот син Дунав“…