РЕКОРДНА КОНЦЕРТНА СЕЗОНА НА МАКЕДОНСКИТЕ МУЗИЧАРИ, СЕ СЛАВЕА ЈУБИЛЕИ И СЕ ПОЛНЕА САЛИ И ПО НЕКОЛКУПАТИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Симон Трпчески го одржа својот прв новогодишен концерт со популарен репертоар на 20 декември во Скопје. 2024 беше богата со забавни концерти на македонските музичари.

Од „Танцот на цвеќињата“, преку „Аве Марија“, „Турски марш“, „Сербез Донка“, па до Френк Синатра, пијанистот со светска кариера и пријателите ѝ приредија на македонската публика ретка привилегија да се ужива во празнична атмосфера. На концертот, тој запеа заедно со неговата ќерка Лара. Гости беа колегата Шкезен Бафтијари, првенците на Националната опера и балет Марија Кичевска-Шокаровска и Бобан Ковачевски, млади балерини од нижото балетско училиште при МБУЦ „Илија Николовски-Луј“, сопранот Гонца Богоромова-Краповска, баритонот Иван Наумовски и пејачката и виолинистка Андријана Јаневска.

Симон Трпчески запеа со ќерка му Лара на концертот на 20 декември (Фото: СМАРТ СДК.МК)

Оваа година донесе и концертно враќање на Калиопи пред македонската публика. Таа одржа два концерта на отворено, во Хераклеја во Битола и во Античкиот театар во Охрид, но никогаш досега немала концерт во арената „Борис Трајковски“, сѐ до 19 октомври, кога ја наполни салата и на спектакуларен начин одбележа 40 години на сцената и 40 години соработка со Ромео Грил. Гостуваа и Слаткаристика и српскиот пејач Жељко Самарџиќ. Концертите на Трпчески и на Калиопи ги организираше продукцијата „Прагма“.

Успешна година имаше раперот Слаткаристика. Тој одржа три концерти во Скопје во март со проектот „Хип-хоп еволуција“, со кој прослави 15 години од излегувањето на неговиот прв албум „Слаткаристика будало“. Потоа одржа турнеја низ Македонија и неколку концерти во Австралија.

Слаткаристика и Тони Зен на првиот од трите концерти на Слаткар во март во Скопје (Фото: К. Попов)

Владо Јаневски го одржа својот петти славенички концерт во полната сала на Филхармонијата на 27 јануари, кој следеше по четирите на крајот на 2023. Серијалот концерти беше наречен „Златни години – најдоброто од Владо Јаневски” и беше дел од славењето на 30 години „Авалон“. Јаневски одржа и концерт во Охрид во август.

Култниот рок бенд „Мизар“ имаше концерти во Младинскиот културен центар и во Филхармонијата.

Групата „Синтезис“ прослави 30-годишен јубилеј со концерт во Филхармонијата. Настанот имаше убаво сценарио со Наум Петрески, Влатко Стефановски и Борис Трајанов како гости.

Целата публика во Филхармонијата на 1 и 2 јуни беше на нозе кога Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ го свиреа „Пајдушко“ во гитарска верзија. Двајцата гитаристи одржаа заеднички концерти откако „Авалон“ по 20 години го реиздаде нивниот заеднички албум на винил.

Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ на концертот во јуни во Филхармонијата (Фото: К. Попов)

На концертот во Антички театар во Охрид Влатко Стефановски одбележа 50 години кариера, а Ѓоко Танески на најубав начин прослави 30 години на сцената со концерт на домашен терен, во Охрид, за првпат во Античкиот театар. Гости беа Драган Мијалковски, Николче Мицевски и Битолскиот камерен оркестар.

Како во старите добри времиња кога победувал на македонските и на југословенските фестивали, Драган Мијалковски одржа два емотивни концерта во Операта со ревиски оркестар. Концертите беа славење на 60 години на сцената на легендарниот пејач, а на оваа идеја се сетија радио „Буба мара“ и неговиот сопственик Ранко Петровиќ.

„Меморија“ прослави 40-годишен јубилеј со богат концерт во Скопје (Фото: Ѓ. Личовски)

Апостол Икономов-Поце се расплака на концертот на „Меморија“ на 16 ноември во скопската сала „Борис Трајковски“ откако ја испеа песната „За тебе“, посветена на неговата сопруга, која почина во мај по долга борба со рак. Тоа е само еден момент кој ќе се памети од јубилејниот концерт на бендот, кој прослави 40 години.

Познати македонски пејачи ги пееја најголемие хитови на Гоце Арнаудов на концертот кој се одржа на 4 декември во Домот на културата „Антон Панов“ во Струмица.

„Нокаут“ со Дарко Гелев-Брејк како гостин одржа акустични концерти во Охрид и Битола, откако претходно четири пати ја наполни Филхармонијата.

„Ареа“ одржа два успешни концерта во Скопје (Фото: К. Попов)

По 14 години, гостиварската рок-група „Ареа“ во април одржа два акустични концерта во Филхармонијата и докажа колку е добар и квалитетен бенд.

Ова беше добра година и за „Суперхикс“: 30-годишниот јубилеј прво го прослави со голем концерт на отворено во скопската општина Кисела вода, а потоа имаше два акустични концерта во декември.

Вториот дел од концертот „Легендите живеат вечно“, на 4 октомври во Филхармонијата, помина успешно како ланското издание. Во придружба на Битолскиот камерен оркестар, песни од починати пејачи и композитори пееја Ристо Самарџиев, Ивона Јо, Наде Талевска и Тамара Волческа.

Во уникатен амбиент, на сцена која личеше на дневна соба, кантавторката Мијата со својот бенд и со неколкумина гости во мај одржа концерт во малата сала на Филхармонијата, во рамките на Скопски градски фестивал.

Националниот џез оркестар го одржа својот најдобар концерт досега, на 30 ноември во Филхармонијата. Убаво избрани рок и поп хитови слушавме на настанот „Golden Rock Swings“, кој беше полн и со долги аплаузи. Џезерите одржаа и еден детски концерт годинава и уште десетина со џез и популарна музика.

Битолскиот камерен оркестар одржа повеќе концерти, со „Ем-Ти-Ви“ хитови, популарна музика и со музика од холивудските филмови.

Драган Мијалковски одржа два славенички концерта во Скопје (Фото: К. Попов)

Дел од најголемите хитови кои ги напишал легендарниот композитор Григор Копров се испеаjа на концертот „Најдобrото од Копров“, што се одржа на 4 јули во Операта во рамките на Скопско лето. Повеќето песни ги испеа младата пејачка Ана Петановска. Настапија и Наде Талевска, Горан Наумовски, Денис Димоски и Владо Јаневски како специјален гостин.

На 1 март, Каролина Гочева го одржа својот прв концерт со најголемите хитови во Скопје. Следеа втор во Скопје и уште неколку низ Македонија и Германија.

М. ЏАРОВСКА