РОКОТ Е МИНАТО, АМЕРИКАНЦИТЕ СЕГА НАЈМНОГУ СЛУШААТ ХИП ХОП И АРЕНБИ

Лондон, (Гардијан)

Хип хоп и аренби за првпат го надминаа рокот како најслушан музички жанр во САД, покажа годишниот музички извештај на компанијата „Нилсен“.

Благодарение на зголемувањето на стримингот за цели 72%, осум од десетте најуспешни албуми доаѓаат од овие музички правци, меѓу кои се и изданијата на Кендрик Ламар, Дрејк и на Бруно Марс.

Хип хопот и аренбито доминираат и на претстојните Греми награди, кои ќе бидат доделени овој месец, при што Џеј Зи и Ламар имаат најмногу номинации.

Промената на музичкиот вкус на Американците ќе се одрази и на годинашниот фестивал „Коачела“, на кој за првпат во 19-годишната историја нема да има рок музичари меѓу главните ѕвезди.

Според „Нилсен“, најпродаван албум за 2017 година има Тејлор Свифт, откако „Репутација“ се продаде во 1,9 милиони примероци, додека албумот на Ед Ширан, „Поделено“, е продаден и стримуван вкупно 2,7 милиони пати.

Продажбата на плочите е во пораст 12. година по ред, лани за девет проценти.