РОМЕО Е ПОТОЛЕРАНТЕН, А ЈАС ПОБРЛИВА И ЈА ЖИВЕАМ ВТОРАТА МЛАДОСТ, РЕЧЕ КАЛИОПИ НА ПРОМОЦИЈАТА НА НОВИОТ АЛБУМ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Калиопи и Ромео Грил прославија 40 години соработка со промоција на новиот албум кој е едноставно нарачен „Албум“, денеска (29 мај) во Скопје.

„Албумот едноставно го нарековме ‘Албум’, и откако ќе ги преслушате песните сѐ ќе ви стане јасно“, рече Калиопи на промоцијата на која беше дојден и Грил кој живее во Швајцарија.

Најголемо изненадување на албумот кој има 10 песни, дел на македонски, дел на српски јазик, е соработката на Калиопи со Слаткаристика. Заедно ја снимија песната „Казна“, а присутните на промоцијата со голем аплауз го пречекаа популарниот хип-хоп музичар кој го освежува албумот во негов стил.

Слаткаристика е специјален гостин на албумот (Фото: К. Попов)

„Снимивме еден релаксирачки албум во кој луѓето ќе уживаат, но и ќе ги тера на некои длабоки размислувања, a претежно се забавувавме. Студиски не сме работеле заедно 10 години, од албуот ‘Мелем’. Јас сум сега побрлива, Ромео е потолерантерн, јас како да си ја живеам втората младост“, ни рече Калиопи и се сети на нејзината прва средба со Грил, кој ѝ е поранешен сопруг.

40-те години со Ромео не ги ни осетив, кажа Калиопи (Фото: СМАРТ.СДК.МК)

„Тој дојде во еден локал каде што бев јас, носеше некој лист со текст. Го прашав: ‘Дали ти го напиша ова?’ Ромео ми рече да. Потоа ме испрати до дома и ме праша: ‘Дали сакаш да бидеш ѕвезда?’ И јас му реков да“, рече Калиопи.

Ромео Грил вели дека ниту тој ниту Калиопи не следеле музички трендови, и секогаш работеле музика која им прави ќеф.

„Кај нас нема несогласувања кога е во прашање музиката, секогаш се разбираме. Не следиме трендови, го следиме срцето. На пример, Калиопи ми рече: ‘Никогаш не сум имала диско песна, ајде направи ми, и имаме и диско песна“, ни рече Грил.

Тој освен со Калиопи работи и со пејачи од швајцарската естрада, но вели дека никогаш не му бил важен квантитетот.

„Овие 40 години со Ромео не ги ни осетив кога поминаа. Ништо не е сменето, освен бојата на коса на Ромео“, се пошегува Калиопи.

(Фото: К. Попов)

На промоцијата, гостите го преслушаа целиот албум кој уште отсега ветува хитови. Гледавме и четири нови спота, во продукција на „Мелем“ и во режија на Огнен Шапковски. Песните се снимено во студијата ГПМ во Базел и во студиото Абракадабра на Бранко Попчевски во Скопје. Миксот и мастерингот се на „Кроација рекордс“ и студиото на Филип Видовиќ во Загреб. На албумот е и дуетот „Знам“ со Жељко Самарџиќ.

М. ЏАРОВСКА