Четири и пол часа траеше фестивалот Скрим со „Црвена јабука“, „Галија“ и „Прљаво казалиште“ сношти (9 ноември) во салата „Борис Трајковски“.
Ретка можност беше да се видат на иста сцена бендови од Босна и Херцеговина, Србија и Хрватска, а во публиката не само генерација која е југоносталгична и родена во 1950-тите, 1960-тите и 1970-тите, туку и помлади, кои не биле ни родени кога настанале нивните хитови. Салата одамна не била толку полна со еуфорични фанови, кои од почеток до крај ги следеа групите, пеејќи и правејќи ѕвездено небо. Некогаш ова се правеше со запалки, денес со светлата од телефоните, но она што е исто се песните што не умираат.

Фестивалот почна со најголемите хитови на „Црвена јабука“, која следната година ќе слави 40 години постоење. Фронтменот Дражен Жериќ-Жера, кој има 60 години, а започна како клавијатурист во сараевската група, четири децении не ги смени имиџот, ниту пораките кои ги испраќа на концертите, дека она што е најважно е љубовта која треба да се чува. „Јабука“ свиреше најкратко, а ја почна еуфоријата која траеше до крајот. Заврши со „Ако умрам ил‘ загинам“, преработката на песната од Јонче Христовски, која ја изведува секаде низ регионот.

Ненад Милосљевиќ-Неша од нишката група „Галија“ има 70 години. Бендот постои 47 години, а тој никогаш не престана да ѝ се обраќа на публиката со „дами и господа“. Вокалот му е свеж како и во златните години на бендот, кои според топлиот примем на публиката како никогаш да не завршиле. „Галија“ не доаѓа често на концерти кај нас, а кога е тука, настапот ѝ е вистинско уживање.

„Прљаво казалиште“ од Загреб ја има пораката која е најуниверзална за овој концерт, „Сѐ е лесно кога си млад“, како нивниот голем хит. Отсвиреа цел концерт, нивниот речиси комплетен репертоар. Без кратење на песните, вокалот Младен Бодалец (65), авторот на хитовите и гитарист Јасенко Хоура (64) и екипата на сцената беа два часа, скокајќи како во младоста, заедно со публиката, која и еден и пол час по полноќ бараше уште.

Фестивалот Скрим, кој се врати по девет години пауза, а претходно се одржуваше на сега урнатиот Скопски саем, испрати од салата среќни и расположени луѓе. Го организираше продукцијата „Прагма“.
М. ЏАРОВСКА