САКАМ ДА ГИ СОБИРАМ ПРИЈАТЕЛИТЕ НА РУЧЕК НА ВОДНО, ВЕЛИ ЗДРАВКО ЧОЛИЌ ПРЕД ТРИТЕ КОНЦЕРТИ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Здравко Чолиќ ќе одржи три концерти во Скопје, на 18 и 19 март во салата „Борис Трајковски“ и на 21 март во салата „Јане Сандански“. Ова ќе бидат негови први настапи во Скопје по шест години пауза, овојпат со симфониски оркестар, составен од 50 музичари од Биг бендот од Нови Сад и од оркестарот на Операта на Српскиот народен театар од Нови Сад.

Чолиќ вели дека пријателите долго го убедувале да ги преработи песните во симфониски аранжмани и по неколкуте настапи во регионот, сфатил дека е во право што ги послушал.

„Ако не бев пејач, сигурно ќе бев спортист, веројатно атлетичар. Во младоста имам освоено трето место во скок во далечина на превенство во Загреб. Мислам дека ја засакав атлетиката затоа што ми е слична по темперамент. И денес сакам да следам натпревари, не ги пропуштам олимпијадите. Она што ме фасцинира кај атлетиката се брзината и спринтот“, ни рече балканската поп-ѕвезда.

Освен со атлетика, Чолиќ се занимавал и со фудбал и бил голман во младинскиот тим на „Железничар“ од Сараево, неговиот роден град.

По желба на родителите се запишал на економски факултет и кога дипломирал, Даворин Поповиќ, пејачот на легендарните „Индекси“, му подарил леб завиткан во целофан и му рекол: „Сега си свој човек, имаш леб во рацете“.

Првите ноти ги научил од семејниот пријател Иван Бариќ, кој бил неговиот професор по гитара и му го открил и талентот за пеење.

„Свежо се сеќавам дека тој период за мене беше како крстосница. Самиот со себеси се борев помеѓу фудбалот и музиката и набрзина одлучив дека сакам да ѝ се посветам на гитарата. Се случи пред еден натпревар на ‘Железничар’, само ги симнав голманските ракавици и заминав на час по гитара“, вели Чолиќ.

Со сопругата Александра, која е професорка по географија, е во брак од 1 мај 2001 и ги имаат ќерките Лара и Уна Звездана.

„Она што кај мене не ми се допаѓа е таа моја неодлучност. Единаесет години бев во врска со сегашната сопруга и ни требаше време да се одлучиме да се венчаме“, вели Чолиќ, кој не сака да го експонира приватниот живот.

Кога доаѓа во Скопје, најмногу сака да прошета на Водно.

„Тоа е најубавиот дел од Скопје, кога имам можност, сакам да пешачам на Водно. Не ме привлекуваат популарни места или ресторани, најмногу сакам да одам на ручек во еден ресторан на Водно и таму да се видам со сите мои скопски пријатели, да ги соберам заедно на едно место“, вели Чолиќ.

Неодамна, тој ја промовираше новата песна „Зошто таа“ (Зашто она), која за него ја напиша Дино Мерлин. Првите два концерта во Скопје се распродадени, а преостанатите билети за третиот концерт се продаваат онлајн преку мрежата на Мк тикетс.

М. ЏАРОВСКА

(Фото: Фејсбук)