Песната „Уште ми фалиш“ на Александар Митевски и Драган Спасов-Дац доби италијанска верзија со тенорот Благој Нацоски, кој е амбасадор на македонската култура во Италија.

„Откако со Дац настапивме со оваа песна лани на Макфест, таа инстантно им влезе под кожа на луѓето и постојано се слуша. Сме ја испеале во многу верзии, по 5-6 пати се бараше на евергрин журките што ги правевме. На нашата фан страница на Фејсбук постојано добиваме снимки од музичари и групи, а ни пристигнуваат и видеоклипови од дечиња кои ја пеат. Така ни пристигна снимка од шестгодишниот Валентин од Венеција, од семејството Јовановски, од наша пријателка на Фејсбук, Оливера. Ми беше интересно како би зазвучела оваа песна на италијански поради блискоста во естетиките и емоциите во италијанската и македонската музика. Од неа потекна идејата да се поврземе со тенорот Нацоски, кого не го знаевме лично. Го направивме контактот со Благој, кој е извонреден професионалец и човек, на ‘прва топка‘ му се допадна мелодијата и истиот ден ја препеа“, ни изјави Митевски.

Актерот Спасов-Дац вели дека сѐ се случило во два дена, Митевски и Нацоски ги средиле работите како да се отпее тоа во домашни услови. Нацоски направил неколку верзии и им ги испратил, а потоа Митевски студиски ја доработил и испроцудирал снимката.

„Јас и Александар ја отпеавме секој посебно во својот дом и на крајот, кога сето тоа се состави, излезе магија. Се решивме да се промовира токму денеска, кога сите сме во 24-часовен карантин и сите ќе имаат можност да уживаат во неа. Сите тројца констатиравме дека песната се шири многу побрзо од короната“, вели Дац.

Екипата е задоволна од реакциите и пофалбите, добиле и честитка од италијанскиот амбасадор во земјава. Сметаат дека успеале да пренесат една заедничка музичка порака за солидарност, да инспирираат многу луѓе да истраат во овие мигови.

„Музиката е таа која лекува и поврзува. Во моментов кога светот е под клуч, границите се затворени, нaшата песна ги сруши границите“, вели Митевски, а, пак, Нацоски во видеото вели:

„Физички сме одвоени, но емотивно посплотени од кога било. Кога далечината нѐ спојува, се бориме против ова зло со заеднички сили. Никому не му е лесно, но на некои им е најтешко. Во мислите ни се сите оние кои изгубија свој близок. Се гушкаме музички бидејќи поинаку не е возможно засега. Македонија и Италија, односно Александар, Дац и јас ви праќаме една музичка прегратка со оваа песна“.

Б. НЕСТОРОСКА