Контроверзниот сингл на „Секс пистолс“, „Боже чувај ја кралицата“ (God Save the Queen), повторно ќе биде издаден по повод платинестиот јубилеј на Елизабета Втора, односно 70-годишнината од нејзиното доаѓање на британскиот престол.
Оригинално објавена во 1977 за време на сребрениот јубилеј, песната ја споредува Велика Британија со фашистички режим, а за кралицата вели дека не е човечко суштество. Поради тоа, своевремено беше забранета на Би-Би-Си и на комерцијалните радиостаници, но сепак успеа да се искачи на второто место на британската топ-листа. На врвот беше „I Don’t Want To Talk About It“ од Род Стјуарт и оттогаш опстојува гласина дека се манипулирало со топ-листата за да не се дозволи „Секс пистолс“ да биде број еден.
И некои продавници одбиваа да го продаваат синглот од страв да не ја навредат кралицата.
Оригинално насловена „Нема иднина“ (No Future), песната не се однесува толку на кралицата, колку што е социјална критика на Британија, која на крајот на 1970-ите беше во лоша економска ситуација. Поради песната, членовите на групата беа апсени и напаѓани на улица.
„Го жалам кралското семејство, зашто се родени во позлатен кафез, што ги изолира од реалноста. Затоа малку сочувствувам со нив“, кажа пејачот Џон Лајдон во 2015.
Синглот ќе биде реобјавен во две верзии во речиси 6.000 примероци.