СЕСТРИТЕ ЛИЛЕ И БИЛЕ ОД БИТОЛА ГИ ОЖИВЕАЈА ПЕСНИТЕ НА МАРИЈАНА И РОСАНА НА КОНЦЕРТОТ ПОСВЕТЕН НА ТОДЕ НОВАЧЕВСКИ

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

„Тоде Новачевски беше хитмејкер со секоја испишана нота и стих, композитор на безвремени хитови кои стануваа прифатени од публиката по првото слушање. Во деведесеттите години немаше фестивал во државата каде што тој не учествуваше и од секој заминуваше со награди“, рече водителката Силвана Петрова-Насух на 14. изадние на музичката манифестација „Незаборав“, со која синоќа заврши Битфест.

Настанот започна со емитување и превод на големиот хит „Урден чавен’’, компониран и испеан од Новачевски за популарната ТВ-серија „Трст виа Скопје“. Продолжи со детската композиција „Ние сме Македонци“, во која учество зедоа и младите членови на КУД „Илинден“, а потоа на сцена беа оживеани неговите бесмртни хитови. Публиката посебно беше воодушевена од вокалните изведби на сестрите Лилјана и Билјана Трајковски (фото), кои во дует ги испеаја хитовите „Едно срце имам душо“, „Ако не исчезнам“ и „Признавам“.

„А од љубов не се бега“ ја испеа битолскиот миленик на седенките Боби Поповски, Анастасија Митревска и Бојан Стојков „Има една судбина“ и „Ангелино“, па Дона Петрова „Некој треба да ме има“, Марија Божиновска „Судбино ништо не промени“ и други, сите во придружба на бендот „Твинс“.

Повеќе битолски пејачи ги пееја песните од композиторот Тоде Новачевски, кој пораснал во битолската населба Боримечка (Фото: СМАРТ СДК.МК)

Новачевски беше битолчанец, растен во населбата Боримечка, во семејство кое се занимавало со одгледување тутун, а од чиј двор често се слушала музика. Како што беше кажано на „Незаборав“, тој почнал да твори уште додека живеел во Битола. Бил посветен на музиката од најраното дестство, посетувајќи хор и мандолински оркестар во основно училиште, потоа завршил Средно музичко училиште во Битола, па Музичка академија во Скопје. Негова муза била Маријана, која му станала и сопруга, а едни од најубавите негови хитови се отпеани токму од сестрите Маријана и Росана Сариќ.

Автор на проектот кој ја негува богатата битолска музичка традиција и не дозволува музичари и песни од Битола да паднат во заборав е продуцентот Панде Димитровски.

Изминатите 13 изданија на „Незаборав“ беа посветени на Сашка Петковска, Јонче Христовски, Пепи Бафтировски, Љупчо Спасеновски, Добри Ставревски, Гоце Николовски, Миле Шерденков, групата „Битолски конзули“, битолчаните на фолк фестот „Валандово“, Драган Каранфиловски-Бојс, песни за Битола – прв и втор дел и на песните од фестивалот „Интерфест“ од 1992 до 1996.

Ж. ЗДРАВКОВСКА