Издавачката куќа „Шарла“ го објави деби албумот на „Вагина корпорејшн“, што е соло проект на младиот музичар Лука Јованоски. Албумот „Време е!“ содржи шест песни, на кои Јованоски ги свири сите инструменти и е главен вокал.
Музиката на „Вагина корпорејшн“ се опишува како комбинација на инди, панк, гараж и краут психоделија, со доза на импровизација, а Јованоски го снимил албумот во гаражни услови.
Од „Шарла“, за која ова е 78. издание, велат дека Јованоски е дел од еден неформален музички колектив кој го претставува јадрото на новиот бран на независна македонска музичка сцена.