Шкотската поп-рок група „Тексас“ е најавена како прво големо име на годинашното издание на фестивалот „Скопје колинг“, што го организира „Авалон продукција“.
„Тексас“, основани во 1986 година, ќе настапат како главни ѕвезди на 23 јуни на стадионот на АРМ, кога ќе се одржи вториот фестивалски викенд на фестивалот.
Предводена од пејачката Шарлин Спитери, групата има издадено десет студиски албуми во тридецениската кариера, од кои последниот излезе минатата година. Покрај Спитери, во групата сите овие години останаа и гитаристот Али Мекерлејн и басистот Џони Мекелоун.
Ова ќе биде прво гостување на „Тексас“ во Македонија.
Деталите за влезниците ќе бидат објавени на 6 март.