„СИГАРЕТС АФТЕР СЕКС“ МЕЃУ ГЛАВНИТЕ ЅВЕЗДИ НА ФЕСТИВАЛОТ „ЗДРАВО МЛАДИ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

По минатогодишниот настап на „Слоудајв“, „Здраво млади“ повторно го носи амбиенталниот звук на дрим поп/шугејз во Скопје.

Еден од највозбудливите нови бендови „Сигаретс афтер секс“ ќе биде меѓу главните ѕвезди на осмото издание на фестивалот, што ќе се одржи на 1 септември во Младински културен центар.

Иако постојат веќе десет години, четворката од Тексас дури лани го издаде својот прв, истоимен албум, кој доби исклучиво позитивни оценки од музичките критичари.

Меѓу новопотврдените учесници на фестивалот се и американскиот експериментален музичар Ерик Коупленд и еден од најенергичните српски бендови „Репетитор“, веќе добро познат на македонската публика.

Претходно беа најавени „Камера“ од Берлин, „Вуден шипс“ од Сан Франциско и британското електронско дуо „Бланк мас“. 

Картите за фестивалот моментално се продаваат по цена од 600 денари.