На 15 март од 12 часот, во Филхармонијата ќе се одржи детски концерт на кој премиерно ќе се свири симфониската суита „Итар Пејо“ од Филип Иванов (фото).
Делото на композиторот Филип Иванов „Итар Пејо“, како што кажува и самиот наслов, е инспирирано од популарниот лик од македонската традиција. Тој е познат како итрец, кој успева да се справи со неправдите и предизвиците со своите интелигенција и снаодливост.
Делото на Иванов е поделено на седум дела со поднаслови: „Триумфот на Итар Пејо пред селскиот кмет“, „Танцот на измамата: Маската на Пејо“, „Меланхолија на исчезнатата паричка“, „Шегите на Итар Пејо“, „Итар Пејо во судир со неправдата“, „Инспиративниот говор на Итар Пејо“ и „Свадбата на Пејо“.
Ова е прва симфониска суита од македонски автор која обработува лик од македонската фолклорна традиција, а е наменета за деца и млади. Диригент е Бисера Чадловска, а наратор актерот Мартин Јорданоски.