По 14 години, гостиварската рок-група „Ареа“ сношти (19 април) одржа акустичен концрет во Филхармонијата, и докажаа колку се добар и квалитетен бенд.
Ни акустичноста на атмосферата не ја намали енергијата на Ружица Милошевска- Брчиоска, која е фронтмен на бендот во изминативе 33 години. Нејзината среќа се пренесе и на публиката, и на музичарите во текот на целиот концерт. Гитаристот Ивица Брчиоски, нејзиниот сопруг и коавтор на повеќето хитови аплаудираше по речиси секоја песна, за публиката која верно го следи бендот долги години.
Неверојатен е податокот дека песните како „Нешто недостасува“, „Колку ми значиш“, „Јас сум ти пријател“, „Дозволи ми“ се стари 22 години. Од една страна звучат свежо како да се вчера напишани, а од друга се вистински рокенрол евергрини. „Ареа“ во овие 33 години во некои периоди интензивно работеше, го намалуваше интензитетот на настапи и на медиумска присутност, но секогаш имаа нови авторски песни и ја задржаа верната публика.
„Човек е богат ако има пријатели како вас, нашата публика. Вашиот глас кој го слушам на концертов и вели: ‘Пеј, пеј’. Вие нѐ прегрнавте со вашето пеење. Песната ‘Љубов е’ раскажува за љубовта која не е поврзана со блискоста или со далечината. Ако некого вистински љубите, тој е во вашето срце“, кажуваше Ружица Милошеска- Брчиоска меѓу песните. Концертот го збогати и гласот на ќерка ѝ Елена Брчиоска како придружен вокал и женскиот гудачки квартет кој до најголем израз дојде на бисот.
„Ова песна како да ја заборавивме. Ова е ваша химна“, рече пејачката на бендот за песната „Сите мои слики“ кога веќе целата публика беше на нозе.
Песната „Фреквенција на љубовта“ е најдобар опис на концертот. „Ареа“ ќе одржат и втор концерт вечерва (20 април) на истото место, во организација на „Фреш јунион“.
М. ЏАРОВСКА