Музичарот Александар Рајковиќ, кој свири во Оркестарот за свадби и погреби на Горан Бреговиќ, а живее во Скопје, вели дека му е големо задоволство што соработувал и се дружел со победникот на фестивалот Сан Ремо, Оли (23).
Младиот италијански пејач и рапер победи на 75. издание на познатиот фестивал со песната „Balorda nostalgia“ (Глупава носталгија). На една од неофицијалните вечери, секој натпреварувач избира со кој познат музичар кој е гостин на фестивалот сака да настапува. Оли избрал да пее со Бреговиќ и со неговиот оркестар, каде што Рајковиќ е трубач.
„Сан Ремо е навистина посебно место. Сцената, звукот, енергијата во публиката, сè беше неверојатно. Да се биде дел од овој спектакл е чест за секој музичар, а јас сум среќен што неколкупати имав можност да застанам на оваа легендарна сцена. Оваа година настапивме со Оли, Горан Бреговиќ и нашиот Оркестар за свадби и погреби на специјалната Вечер на преработки (Cover Night), каде што учесниците пеат преработки на познати италијански или интернационални песни заедно со гостин-музичар. Оли одбра да настапи со Бреговиќ и нашиот бенд со песната ‘Il pescatore“ од Фабрицио де Андре, во нов аранжман карактеристичен за Бреговиќ. Кога ја свиревме оваа верзија пред публиката, магијата беше таму, реакцијата беше неверојатна, а енергијата на сцената незаборавна. Публиката реагираше фантастично и тоа ќе го паметам долго“, ни рече Рајковиќ, кој е сопруг на новинарката Анита Петровска- Рајковиќ и со неа живее во Скопје, а инаку е од Белград

Рајковиќ додава дека соработката со младиот италијански пејач била вистинско уживање.
„Тој е уметник со огромна енергија, отворен за нови звуци и со вистинска страст кон музиката и навистина ми е драго што ја однесе победата на Сан Ремо, заслужено“, ни рече Рајковиќ.
Како и секоја година, победникот на Сан Ремо одлучува дали сака да ја претставува Италија на Евровизија. Дoполнително ќе се дознае дали Оли ќе се согласи да оди на Евровизија, која годинава ќе се одржува од 13 до 17 мај во Базел, Швајцарија.
М. ЏАРОВСКА