СТИВ ВАЈ ГО ПОКАЖА СИОТ РАСКОШ НА СВОИТЕ ГИТАРСКИ ВЕШТИНИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Стив Вај го редефинираше поимот гитарски виртуоз и покажа колку далеку можат да се поместат границите во музицирањето со темелниот рок инструмент. Два и полчасовното шоу на 63-годишниот Вај во полната мала сала на арената „Борис Трајковски“ го претстави сиот раскош на неговите гитарски вештини со ретко видена леснотија на свирењето, што може да биде само комбинација на многу талент и уште повеќе вежбање.

По 43 години одење на турнеи, Вај првпат се соочи со македонската публика, која воодушевена можеше да заклучи само едно – тој и натаму е во топ форма.

Стилот на Вај не е за широки народни маси. На негов концерт нема залутани. Но, колку и да кокетира со публиката преку својот инструмент, неговиот настап во ниеден момент не стана напорен и претенциозен, што го постигна така што балансираше побавни и побрзи песни и не навлегуваше во импровизации, барем не очигледни.

И покрај сложената структура на песните, сè беше изведено чисто, беспрекорно и брутално прецизно, како и што се очекува од еден комплетен и технички совршен рок гитарист, кој притоа ужива во тоа што го прави.

Овој инструментален рок спектакл беше едно ново концертно доживување за Македонија, овозможено од „Авалон продукција“. И многумина домашни музичари дојдоа да видат што сè има да понуди, но впечатокот е тој – Вај е некое друго ниво.

Г. КОНЕВ

(Фото: Фејсбук/С. Рајхл)